Правно
Услови на користење
Како се закажува термин, што влегува во сесијата, кој ги добива фотографиите и што важи ако нешто се измени.
Последна измена: 15 септември 2026
За што важат овие услови
Овие услови важат за користењето на овој сајт и за фотографските и видео услугите на Peek A'Boo Photography, фотографско студио од Скопје.
Закажување термин
Терминот се закажува преку Instagram, Facebook, Viber, телефон или е-маил. Терминот важи откако ќе биде потврден од студиото. До таа потврда датумот не е резервиран.
На сајтот нема цени. Цената за конкретна сесија се договара однапред, пред самиот термин.
Капар и плаќање
Плаќање на капар не е потребно. Плаќањето може да биде на крај на самиот настан или на фактура.
Откажување и одложување
Терминот може да се откаже или одложи најдоцна 48 часа пред закажаната сесија, без дополнителни трошоци. При откажување или одложување во последен момент, односно во рок пократок од 48 часа, може да се наплати надомест или да не биде возможна промена на терминот, во зависност од околностите. Доколку сесијата се одложува поради болест на детето или член на семејството, секако ќе се обидеме да најдеме нов термин без дополнителни трошоци. За сесии на отворено, во случај на лоши временски услови, терминот се одложува и се договара нов датум, без дополнителен надомест.
Тек на сесијата
Сесиите со деца се водат според детето, не според распоред. Ако бебето треба да јаде, да спие или само да се смири, се чека. Тоа е дел од начинот на работа и не се смета за изгубено време.
Родителот или старателот е присутен на сесијата и одговара за безбедноста на детето. Студиото се грижи просторот да биде безбеден и подготвен.
Обработка и достава
Финалните фотографии ги добивате во највисок квалитет, обработени во рок од 3 до 7 работни дена. Бројот на фотографии зависи од пакетот и се договара однапред. Вклучени се и неколку дополнителни обработки на барање.
Фотографиите се предаваат преку дигитална галерија, која е достапна 3 дена.
Изборот на фотографии што влегуваат во финалната обработка и стилот на обработка се дел од авторската работа на фотографот. Необработени оригинални фајлови не се предаваат, освен ако тоа не е договорено посебно.
Авторски права
Авторското право над фотографиите и видеата останува кај фотографот. Вие добивате право да ги користите за лична употреба: печатење, споделување со семејството и објавување на вашите лични профили.
Комерцијална употреба, препродажба и предавање на трети лица за реклама се договараат посебно. Изменување на фотографиите со филтри што го менуваат изгледот на обработката не се препорачува, а при објава споменувањето на студиото е добредојдено, но не е услов.
Објавување на фотографиите од страна на студиото
Ниту една фотографија не се објавува јавно без ваша согласност. Повеќе за тоа има на страницата Политика на приватност.
Одговорност
Ако поради болест, дефект на опрема или друга непредвидена причина сесијата не може да се одржи, се договара нов термин во најкраток можен рок.
Содржината на сајтот
Текстовите, фотографиите и логото на овој сајт се сопственост на Peek A'Boo Photography и не смеат да се преземаат за туѓа употреба.
Промени на условите
Условите може да се менуваат. За веќе договорен и потврден термин важат условите што биле објавени во моментот на потврдата.